burgazada

Црвените острови во Истанбул

Црвените Острови, познати уште и како Принцови Острови, се група од 9 мали острови непосредно до азискиот брег на Истанбул, во Мраморното Море. Прекрасниот архипелаг е можеби најпознат по тоа што на оваа територија се забранети автомобили, што создава една идилична слика…

Во склоп на архипелагот на Црвените Острови спаѓаат четири поголеми и пет помали острови. Од нив, само на големите острови постојат населби и постојан транспорт до и од островите; додека од помалите, единствено на Седеф постојат градби, но тие се во најголем дел приватни имоти и пристапот дотаму е забранет.

Едно од имињата на архипелагот, Принцови Острови, се должи на фактот што во Византија и подоцна во Отоманската Имеприја, овие острови се користеле за протерување на наследниците на владетелите кои ја загубиле наклонетоста од нивните татковци. Покрај нив, единствените други луѓе кои некогаш воопшто доаѓале на островите се група монаси, поради што, островите се познати и под името „Острови на Монасите“. Во административна смисла, архипелагот се води како Островите и претставува засебна единица на градот Истанбул.

До островите сообраќаат редовни линии на траекти од неколку компании, кои тргнуваат од Бостанчи, Картал и Малтепе на азиската страна и од Кабаташ на европската страна од Истанбул. Возењето трае од половина час до час и 10 минути, во зависност од местото на поаѓање и островот до кој патувате. Доколку немате време да ги посетите сите острови, одберете го Бујукада, за кој се вели дека е бисерот на архипелагот.

Црвените острови се исклучително убав дел од Истанбул, бидејќи се работи за дијаметрална спротивност од животот на копното. Единствените форми на превоз на овие острови се коњите, кочиите и велосипедите, па затоа атмосферата е неверојатно мирна и пријатна. Голем број туристи кои го посетиле архипелагот на подолго време, по враќањето во копнениот дел од Истанбул доживуваат своевиден шок од хаосот и бучавата…

Доколку се најдете во Истанбул, овој архипелаг е дефинитивно едно од местата кои вреди да се посетат, за да пронајдете уште еден дел од богатствата што ги крие главниот град на светот.