Safir

Облакодерот Сафир во Истанбул

Облакодерот Сафир се наоѓа во бизнис центарот на Истанбул, Левент. Во времето на изградбата тоа била највисоката зграда во Европа, а од 2011 е седмата највисока зграда на стариот континент.

Сафир е првиот еколошки облакодер во Турција и највисоката градба во државата на два континенти. Се издига 54 ката над површината и има покривна платформа на височина од 238 метри. Вистинската структурна височина е 261 метар, вклучувајќи го и шилецот на врвот, којшто е дел од архитектурата, а не антена, како што е случајот со најголем број од колосалните облакодери во светот.

Просторот во внатрешноста на оваа импресивна градба претставува резиденцијално-комерцијален центар, но вистинската атракција е опсервациската платформа на покривот, којашто ја посетуваат стотици туристи дневно.

„Терасата Сафир“ е највисоката опсервациска платформа на европскиот континент и оттаму ќе имате можност да добиете неверојатен панорамски поглед на главниот град на светот. Згора на прекрасниот поглед, во комплексот се нуди и можност за четиридимензионална симулација на надлетување на небото над Истанбул, со уникатна перспектива на најпознатите обележја на градот: Босфор, мостот Галата, Киз Кулеси…