HUN-2015-Budapest-Heroes’_Square

Милениумскиот споменик во Будимпешта

Милениумскиот споменик е едно од најважните обележја во Унгарија, поставен како централен елемент на Плоштадот на хероите во Будимпешта.

Плоштадот на хероите е еден од најголемите плоштади во Будимпешта, лоциран на крајот од булеварот Андраси, веднаш до градскиот парк. Во склоп на меморијалниот комплекс на плоштадот се наоѓаат и две градби од исклучителна важност – Музејот на ликовните уметности и Палатата на уметностите.

Централниот дел на плоштадот, како и една од најважните знаменитости во Унгарија претставува Милениумскиот споменик, којшто започнал да се гради во 1896 година, за да се одбележи илјадитата годишнина од формирањето на Унгарската држава од Стефан I Унгарски, во 896 година. Заедно со споменикот се извршувала и реконструкција на булеварот Андраси и се градела првата подземна железница во континентална Европа. Проектот бил завршен во 1900. година, кога споменикот го добил своето име.

Кога Милениумскиот споменик бил изграден, Унгарија била дел од Австро-Унгарската Империја, поради што пет од статуите на споменикот биле посветени на членови на владејачката Хабсбуршка династија. Откако споменикот бил оштетен во Втората светска војна, тие статуи биле заменети со денешните.

Денес, на средината од споменикот се издигнува оригиналната „гробница на непознатите јунаци“, украсена со железни синџири. На неа стои натписот: „Во спомен на хероите кои ги дадоа своите животи за слободата на нашиот народ и нашата национална независнот“. Од обете страни на гробницата (во која всушност нема погребано ниту едно тело), се наоѓаат две полукружни колонади, со статуи на најважните личности од унгарската историја, меѓу кои и седумте поглавари на унгарските племиња кои учествувале во основањето на нацијата.