Вие сте тука:   Дома Блог Разно Како да се заштитите од грмотевици

Како да се заштитите од грмотевици

Печати
Како да се заштитите од грмотевициАтмосферските електрични празнења значително зачестуваат во летните месеци кога и атмосферата станува многу понестабилна. Доколку се најдете среде бура со грмотевици, треба да знаете како да се заштитите - особено доколку се наоѓате на отворено.


Најдете соодветно засолниште


Ако започне бура со грмотевици, треба веднаш да побарате соодветно засолниште. Најсоодветни се цврстите градби кои имаат заземјување, водоводна и канализациона инсталација и по можност громобран. Малите структури, како што се преносните бараки и јавните тоалети не се најумен избор, а стоењето под дрвја е крајно опасно. Доколку имате автомобил на располагање (со тврд покрив), веднаш влезете во него - металната каросерија на автомобилот претставува Фарадеев кафез, што значи дека дури и ако громот удри во неа, електрицитетот не може да навлезе во внатрешноста на кафезот, туку ќе помине околу него, а Вие ќе бидете совршено безбедни.

Умно планирајте


Ако се најдете на планина или пак во чамец, во миговите кога ќе започне бура со грмотевици, ќе Ви биде многу тешко да најдете засолниште. Затоа треба да ги планирате сите активности во склад со временската прогноза, за која треба да консултирате повеќе извори. Доколку во текот на некоја активност забележите како целото небо се помрачува со облаци или пак започнува да врне, тогаш можеби треба да размислите за враќање назад. Сепак внимавајте, гром може да удри и кога нема ниту еден од наведените индикатори - забележани се случаи кога громови удирале и до 20 километри оддалеченост од хоризонтот на бурата.

Како да се заштитите од грмотевици


Минимизирајте го ризикот


Ако во мигот кога ќе започне бура се наоѓате на место каде што не можете да дојдете до засолниште, треба да направите сè да го минимизирате ризикот од удар од гром. Веднаш придвижете се кон пониска почва. Избегнувајте големи, отворени пространства во кои сте највисокото нешто наоколу. Избегнувајте изолирани и осамени дрвја или бандери. Ако сте на рибарење или се возите со чамец, трудете се да излезете од водата колку што можете побргу. Не влегувајте во водата затоа што така го зголемувате ризикот од удар. Не барајте засолниште во возила што нема да ја завршат работата (колички за голф, кабриолет автомобили итн.), ниту пак во градби кои не даваат заштита од громови - пикник куќички и летниковци. Избегнувајте и стоење близу до големи метални структури како што се трибини и споменици. Спротивно на популарното верување, гумените обувки не играат никаква улога во заштитата од громови.

Преземете заштитни мерки пред удар


Доколку се сомневате дека бурата ќе помине низ местото каде што се наоѓате, што во голема мера ги зголемува шансите да бидете погодени од гром, веднаш направете ги последните заштитни мерки. Доколку сте дел од група, веднаш распрснете се, на најмалку два до три метри растојание еден од друг. Клекнете на земја, спојте ги стапалата, свиткајте се нанапред, склопчете се (со главата помеѓу колената) и ставете ги дланките врз ушите. Оваа положба е тешка за одржување и не гарантира дека нема да бидете погодени, но доколку се случи да бидете, намалената површина ќе предизвика електрицитетот да помине преку Вас, а не низ виталните органи. На тој начин се зголемуваат шансите за преживување. Во никој случај не легнувајте на земја, затоа што така создавате поголема површина за удар.

Како да препознаете непосреден удар од гром?


Неколку секунди пред громот да удри во Вас или пак во непосредна близина, можете да почувствувате наежување на кожата и подигање на косата. Малите метални предмети можат да започнат со вибрирање, а Вие можно е да чуете звуци на крцкање. Ако препознаете некој од овие знаци, треба да клекнете во заштитната положба.

Мерки за претпазливост на затворено


Кога ќе успеете да најдете засолниште, сепак треба да преземете одредени мерки за заштита. Избегнувајте користење фиксен телефон, не ги допирајте цевките од водоводната мрежа, не се туширајте и исклучете ги сите електрични уреди. Затворете ги прозорците, не стојте на отворено (врати или прозорци) и чекајте бурата да помине. Не излегувајте 30 минути по последната грмотевица.

Помош на жртва од гром


Доколку некој во близината го удри гром, веднаш повикајте брза помош. Потоа утврдете дали има пулс, а доколку нема, обидете се со вештачко дишење повторно да му го активирате срцето. Ако постои шанса од нов удар - да, громовите можат да удрат и по двапати на исто место, обидете се да го поместите на побезбедна локација. Жртвите од удар на гром не задржуваат електричен полнеж, па затоа не плашете се да им пријдете.

AddThis

naskoro

qbe300

iguana hostel web

Следете нè

facebook twitter youtube_64 feeds_64x64


aviobileti

Време

72°
22°
°F | °C
Partly Cloudy
Humidity: 60%
Sat
Mostly Sunny
45 | 75
7 | 23
Sun
Mostly Sunny
43 | 73
6 | 22
Mon
Chance of Rain
45 | 70
7 | 21
Tue
Mostly Sunny
39 | 70
3 | 21

Конвертор

Сума   во    

partneri_1

 

Има 149 гости присутни