
Подолгото патување со деца е вистински кошмар за некои родители. Познато е дека децата не можат да издржат подолго време на едно место. Статистиките велат дека познатото прашање „Кога ќе стигнеме?“, секое дете за прв пат им го поставува на своите родители само после 45 минути возење. Еве неколку совети како да се подготвите за патувањето со вашите деца да биде попријатно и при тоа да имате сè што ви е потребно.

Подолгото патување со деца е вистински кошмар за некои родители. Познато е дека децата не можат да издржат подолго време на едно место. Некои деца не поднесуваат патувања и често повраќаат. Статистиките велат дека познатото прашање „Кога ќе стигнеме?“, секое дете за прв пат им го поставува на своите родители само после 45 минути возење. Заради сигурност, децата мора да се возат во нивните седишта (во автомобил), а сите знаеме колку тие (не) ги сакаат нив. Еве неколку совети како да се подготвите за патувањето со вашите деца да биде попријатно и при тоа да имате сè што ви е потребно.
Бидете свесни дека нема потреба на одмор да ја понесете целата куќа. Поголем дел од работите можете да ги купите на кое било место и во кое било време додека сте на пат. Перењето и пеглањето е овозможено во секој хотел, а храната најдобро е да ја купувате по пат за да бидете сигурни дека она што го јадете не е расипано. Нема потреба од дома да носите еден куп храна. Еден сендвич, суви кекси и грицки се многу подобар избор од полн фрижидер за патување. Поедноставно е, а и посигурно, сендвичот да го купите на некоја бензиска пумпа, отколку сендвичот што сте го понеле од дома да стои во загреаниот автомобил неколку часа, па потоа да му го дадете на детето да го јаде. Многу е важно при рака да имате вода и сокови.
Секогаш при рака имајте ги и неопходните работи, како што се цуцли за залажување, вода, пелени, пешкири, кеси за повраќање. Понесете ја омилената играчка. Понесете марамчиња и влажни марамици. Она што сакате да го имате при рака (храна, јакни, пелени) спакувајте го така што ќе ви биде на дофат на раката, на врвот од торбата.
Најдобро време за патување е ноќта, кога детето спие, бидејќи така полесно го поднесува долгото возење. Можеби на возачот ќе му биде тешко да вози во темница, но полесно ќе може да се концентрира на возењето во тишина. Доколку сепак не сакате да патувате навечер, тргнете рано наутро. Детето, така, ќе го преспие поголемиот дел од патот. На секои два часа застанете и направете пауза. Иако многу татковци не веруваат во овој совет и возат без пауза за побрзо да стигнат, сепак треба да застанат - и сами набрзо ќе станат свесни колку ќе им годи одморот.
Пред да се соочите со врелите стакла и сонцето кое упорно сјае врз вашето дете во автомобилот, би било добро да купите заштита од сонцето, која ќе ја обесите на прозорците. Не ги заборавајте лековите. На многу мали деца не им годи возењето, па би било добро да имате веќе растворени електролити во некое шишенце за детето да не дехидрира. Постојат и таблети против мачнина за време на возењето, но тие не смеат да им се даваат на многу мали деца. Треба да имате при рака и сируп против температура и прибор за прва помош: фластер и хидроген.
Патување со авионПатувањето со авион може да биде многу интересно искуство за постарите деца - доколку не се работи за долги патувања кои се стресни и за децата и за родителите. Кратките патувања, до три часа, се вистинска авантура за постарите деца. Еве уште неколку совети кои ќе ви помогнат летот да ви биде пријатен.
Кога купувате карти, распрашајте се за седишта за бебе или мало дете. Исто така, некои авио-компании имаат посебни седишта на кои можат да се монтираат детски седишта од автомобил. Обидете се да изберете лет кога обично нема преголема гужва. Внимателно подгответе ги работите кои ќе ги земете со вас, бидејќи багажот кој го носите е ограничен. Ако е возможно, во авионот влезете последни. При полетувањето и слетувањето дајте им го на детето шишенцето или сок и гума за џвакање, бидејќи така полесно ќе ја поднесат промената на притисокот. Добро е во торбата да имате и грицки.