
Полуостровот Халкидики се наоѓа во средиштето на грчката област Македонија, на 69 километри југоисточно од најголемиот пристанишен град Солун, помеѓу заливите Термаикос и Стримоникос. Оваа копнена маса што наликува на трозабецот од Посејдон е една од најпосетуваните и највозбудливите туристички дестинации во Грција.
Историја
Според легендите, Халкидики е местото каде што се одиграла првата митска битка помеѓу Зевс и останатите старогрчки богови од една страна и Титаните, децата на Гаја (земјата) и Уран (небото) од другата страна. По победата на боговите, биле создадени сите предуслови за настанување на луѓето, па оттогаш цивилизацијата започнува да цвета. Енцеладиј, водачот на Титаните бил жив закопан на Касандра, па поради тоа што одвреме-навреме се обидува да избега од својот гроб, областа често е погодена од земјотреси. Првиот крак од Халкидики е именуван Касандра по Касандрос, кралот на Македонија; вториот крак е именуван Ситонија според Ситон, синот на Посејдон, богот на морето; а Атос своето име му го должи на истоимениот Титан кој фрлил по Зевс со огромна карпа, но го промашил.

Археолошките ископувања покажале дека на полуостровот Халкидики се најдени остатоци од раните човечки форми уште од пред 700 илјади години. Најстарите човечки населби биле подигнати од Тракијците и Пелазгите. Во петтиот век пред нашата ера цветале античките градови на западот и во централниот дел на Полуостровот - Олинтус, Акантус и Стагира, близу Олимпијада.
Во најголем дел од четвртиот век п.н.е. полуостровот бил под персијска окупација, која завршила со бунтот на последните поробени градови, Олинтус и Потидеа во 480 г.п.н.е. Во 348 г.п.н.е. Халкидики станал дел од кралството Македонија на Филип II. Во времето кога со кралството владеел неговиот син Александар III и го проширил до Индија, на овој полуостров никнале многу нови, богати градови, меѓу кои и Солун, Касандрија, Уранополис и Антигонија.
Во 168 г.п.н.е. полуостровот бил завладеан од Римската империја, а по разделот на царството, останал во склоп на Византија, кога биле изградени најголемите утврдувања со кои жителите требало да се заштитат од инвазии. Во 11 век, Атос бил прогласен за Света Гора со декрет на византискиот император.
Во 1430 година Халкидики бил освоен од Турците Османлии. По неколку неуспешни обиди за востанија и буни, најпосле се избориле за слобода дури во 1912 година, како дел од Македонија. Веднаш потоа, сите грчки бегалци од Мала Азија, Источна Тракија и бугарските провинции се населиле на Халкидики, значително изменувајќи го демографскиот состав и основајќи бројни нови градови и села.

Касандра
Ханиоти
Оваа населба многумина ја сметаат за најдоброто туристичко место на Халкидики. Тоа се должи пред сè на раскошната фауна во околината, прекрасната архитектура, фантастично организираниот ноќен живот и одличната плажа. Се наоѓа на средината од источната страна на полуостровот Касандра, од каде што има прекрасен поглед на морето и западната страна на полуостровот Ситонија. Ханиоти се вбројува помеѓу најмирните села во Грција, со многу тивки места, паркови погодни за одмор, убаво средени плоштади и високи борови дрвја. Плажата во Ханиоти е совршено организирана, а се одликува со ситен песок, сини води, високи дрвја под кои можете да најдете длабока сенка и бројни спортски објекти. Во селото има ресторани, барови и клубови за сечиј вкус.
Пефкохори
Ова село, на југоисточната страна од полуостровот е совршено за луѓето кои сакаат да го поминат одморот во мирна и релаксирана атмосфера. Се работи за убаво село со многу пешачки патеки и добро концепирани плоштади и градини. Името е добиено според блиската борова шума, која пак е доста погодна за луѓето кои сакаат прошеткки во природа - чистиот воздух во шумата освежува и полни со енергија. Плажата се одликува со првокласен песок, сино-зеленкаста бистра вода и одличен поглед на изгрејсонцето. Крај брегот има огромен избор на ресторани и кафулиња во кои можете да седнете и да уживате во погледот.
Неа Потидеа
Местото лоцирано на самиот влез на полуостровот Халкидики и најблиску до Солун, е надалеку познато туристичко место, со раскошна вегетација, прекрасен пејзаж и една од најдобро организираните плажи во Грција. Ова место е главно наменето за тие што сакаат малку поактивен одмор, со раздвижен ноќен живот, но нема да се разочараат ниту оние што сакаат опуштени прошетки, затоа што населбата Неа Потидеа ќе им овозможи уживање во спокојот.
Полихроно
Полихроно е најпосетуваното место на западната страна на Касандра. Таму, на располагање ви стои долгата песочна плажа и кристалната зеленкаста морска вода, како и бројните кафулиња и ресторани во истоименото село. Недалеку од селото се наоѓа мало езеро во кое живее ендемски вид желки, кој привлекува бројни туристи.

Ситонија
Сарти
Прекрасната приморска населба е лоцирана на источниот брег на полуостровот Ситонија, а околу неа се наоѓаат некои од најраскошните плажи во целата земја: златната плажа Сарти, Транос, Аи Николас, Платаници, Аклада, како и уникатната плажа Кавуротрипес. Од едната страна стои морето, а од другата страна се испречува раскошната и бујна вегетација, правејќи го ова место мал рај на Земјата. Во населбата има бројни кафулиња, ресторани и таверни, каде што можете да се најадете и напиете во пријатна и опуштена атмосфера. Ако се најдете во Сарти, не заборавајте да го посетите манастирот Ксиропотамос.
Неа Мармарас
Населбата на западниот брег на Ситонија е најпопуларна на целиот полуостров Ситонија. Изградена е помеѓу синото море и раскошниот зелен рид, а туристичката инфраструктура е развиена и повеќе од добро. Покрај бројните сместувачки капацитети од највисока класа, местото изобилува со кафулиња, таверни, ресторани, ноќни клубови и спортски терени кои работат до раните утрински часови.
Плажите во ова место се одлични, а кога сте веќе таму, препорачливо е да отидете до блиските рушевини од 9 век, од селото Партенонас.
Никити
Никити е одлично место за одмор кое се наоѓа на западниот влез на полуостровот Ситонија. Околината изобилува со фантастични пејзажи, а плажите наоколу се одлично организирани: Агиос Јоанис, Лагада, Кастри и Калогрија. За туристите се нудат најразлични активности за забава и релаксација, но главниот акцент е ставен на природната убавина и шармот на населбата.

Атос
Полуостровот Атос, познат уште и како Света Гора, е автономна област во рамките на Грција. Ова е центарот на Ортодоксното Христијанство, а во рамките на црковната држава постојат манастири од повеќе православни цркви. Иако полуостровот Атос веројатно е најубавиот од трите на Халкидики според природните убавини што таму се распослани, процедурата за посета е повеќе од сложена. За да го посетите, потребна Ви е дозвола која се вади во Солун, а за која треба прво да имате гаранција од конзулатот на Вашата земја. Посетата треба да ја најавите барем две недели однапред, бидејќи е ограничен бројот на посетители кои можат истовремено да се најдат на Света Гора. Посетата е дозволена само за мажи.
+
Места на Халкидики што вреди да се посетат+
Нешта на кои треба да внимавате на Халкидики