
Кога сте опуштени на некоја плажа и уживате во лежењето на сонце, многу лесно може да се случи да претерате и да изгорите. Во тие мигови, најважно е да знаете како да се справите со последиците.
Изгорениците на кожата настануваат кога сте предолго изложени на УВ радијацијата од сонцето. Оптимално би било да сте секогаш заштитени, но понекогаш се случува да изгорите, најчесто во ситуации кога времето не е премногу жешко или пак кога дува пријатно ветре. Дури и кога е така, бидете сигурни дека на себе имате млеко или масло за сончање бидејќи температурата на воздухот нема директна врска со ултра виолетовото зрачење. Ако сепак изгорите, останете смирени.

Прво што треба да сторите е да
пиете многу течности, за да избегнете дехидрација, која е поверојатна во миговите кога кожата е изгорена. Нормално, под течности во никој случај не се подразбира алкохол, бидејќи тој делува како деуретик кој дополнително ќе ја забрза дехидрацијата. Можеби нема да чувствувате глад, но јадете, бидејќи овие изгореници се како и секоја друга повреда или болест (во зависност од степенот) и на Вашето тело ќе му биде потребно енергија за да се справи со нив.
Студената бања значително ќе Ви ја олесни ситуацијата. Потопете се во водата и откиснете во неа додека не почувствувате дека се снижува телесната температура, но и температурата на кожата. Не користете сапун или слични препарати на изгорените делови од кожата, затоа што тие можат да ги отстранат маслата што ги излачува кожата, а кои се неопходни за заздравување. По бањата облечете удобна, мека и лесна облека. Не изглегувајте повторно на сонце додека не заздравите. Одмарајте се.
За да ја намалите болката од изгорениците, треба да се
намачкате со нешто што соодветно ќе ја навлажни - специјален крем или лосион, кисело млеко или јогурт или пак гел од алое вера. По нанесување на некоја овие супстанци, веднаш ќе почувствувате олеснување.
Кога кожата ќе почне да заздравува,
ќе започне да се лупи и веројатно да чеша. Не се чешајте, за да избегнете секаква опасност од воспаленија или инфекции. Доколку изгорениците се посериозни и на кожата Ви се појават плускавци, не се обидувајте да ги пукнете, бидејќи тоа може да предизвика посериозни компликации. За потешките случаи задолжително треба да побарате медицинска помош.