



И покрај благотворниот ефект, на сончевите зраци треба да се изложуваме со внимание. Дури и краткото изложување на прејако сонце може неповолно да делува на нашата кожа, очи и коса.
Дерматолозите препорачуваат задолжително да се штити кожата од директното сончево зрачење. Особено ова важи за најмладите, за децата. Детската кожа е нежна и брзо гори на сонце. Децата треба да си играат во ладовина, под сенка, а никако на песок покрај вода или во плитка вода. Детската кожа треба да се заштити со водоотпорни креми со заштитен фактор од 30 и поголем.
Со подготовката на нашата кожа за претстоечките летни месеци, ако мислиме да се изложуваме на сонце, би требало да започнеме пред интензивното изложување на сончевите зраци.
Според препораките на лекарите специјалисти – дерматолози, припремата на нашата кожа за интензивните сончеви зраци се состои во земање на бета каротин, најчесто еден месец пред изложувањето на сонце.
Бета-каротинот е супстанца која ја штити кожата од штетното влијание на сончевите зраци. Бета каротинот е еден од најпознатите антиоксиданси и исклучиво се наоѓа во растенијата. Тој се нарекува и „природен чадор за сонце“, бидејќи ја штити кожата од штетните ултравиолетови зраци, намалувајќи ја активноста на слободните радикали, кои настануваат поради емисијата на УВ зраци т.е. при сончањето.
Резултатите од голем број студии покажале дека бета каротинот заштитува од акутни и хронични кожни оштетувања, предизвикани од изложеност на сонце.
Без оглед на тоа што за механизмот на неговото делување се уште се расправа, бета каротенот е суплемент, кој се препорачува да се внесува во организмот, пред тој да се изложи на сонце или на други извори на УВ зрачење.
Денес на пазарот постојат различен број на препарати со поголема или помала доза на активна супстанција – бета каротин. Овој вид на заштита особено им се препорачува на лицата кои имаат различни форми на алергија на сонце, но и на лицата со кожни заболувања кои се фотосензитивни т.е. кои се влошуваат при изложување на сонце.
Бета каротинот е широко распространет растителен пигмент кој се наоѓа во овошјето и зеленчукот со сите нијанси на жолта и портокалова, па сè до темно зелена боја (морков, диња, крушка, јаболко, спанаќ). Кога се препорачува консумирање на „обоено“ овошје и зеленчук, се мисли, всушност на бета каротинот. Затоа, дерматолозите препорачуваат во летните месеци повеќе да се консумира овошје и зеленчук.
Но, и покрај овие припреми, кожата не можеме неограничено да ја изложуваме на сонце, бидејќи негативното влијание на сонцето не е само во појавата на алергии на сонце или во потикнувањето на настанување на некои заболувања, туку и во долгорочното оштетување на кожата предизвикано од долготрајното изложување на УВ сончеви зраци.
Исклучително е важно кожата да ја заштитиме со препарати со заштитен фактор (SPF, sun protecting factor), не само при одење на летување, туку и секојдневно во текот на летните месеци. Се препорачува користење на препарати со заштитен фактор најмалку 25. Треба, исто така, да се потенцира дека делувањето на заштитата слабее после 2-3 часа од нивното нанесување, па затоа тие треба да се нанесуваат повторно, по 2-3 часа или после капење или потење.
Но, и покрај заштитните препарати, треба што помалку да се изложуваме на сонце, особено во периодот од 10 до 16 часот.
Овој текст е преземен од Rak.mk



